Четириесет години по свадбата на британскиот принц Чарлс и Дајана, на аукција ќе се продава парче од нивната свадбена торта, објави Би-би-си.
Парчето торта од марципан е украсено со кралскиот грб во црвена, сина и златна боја. Веднаш по церемонијата, беше предадено на Моира Смит, која во тоа време ѝ служеше на кралицата. Парчето торта со димензии 20х18 сантиметри, тежи 794 грама. Семејството на Смит го чувало до 2008 година, кога го купил колекционер кој сега го продава на аукцијата на Доминик Винтер во Сиренчестер, Глостершир.
За венчавката на принцот Чарлс и принцезата Дијана беа направени вкупно 23 свечени торти, вклучувајќи ја и главната овошна торта со повеќе нивоа, висока 1,5 метри и тешка 102 килограми.
Парчето што ѝ било дадено на Моира Смит е од торта послужена со членовите на домаќинството во Кларенс Хаус, во знак на благодарност за нивната услуга.
Се очекува парчето свадбена торта, што организаторите на аукцијата го опишаа како „уникатен кралски сувенир“, да се продаде до 500 фунти. Аукцијата ќе се одржи на 11 август, а аукциската куќа „Доминик Винтер“ потсетува дека се препорачува да не се јаде тортата.
Чарлс и Лејди Дијана се венчаа на 29 јули 1981 година, во катедралата Свети Павле. Двојката се раздели 11 години подоцна, а се разведе во 1996 година. Лејди Ди почина во сообраќајна несреќа во Париз на 31 август 1997 година.