Најмалото бебе во Македонија родено 700 грама си замина дома

По 2,5 месеци поминати на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, предвремено роденото бебе Викторија на 18 март си замина во добра општа состојба и со уреден наод на виталните функции. Кога се роди, таа тежеше 700 грама, а сега е 2.200 грама.

Веста ја соопшти ГАК на својата официјална фејсбук -страница.

„Нашата најмала херојка во 2022 година првпат влезе во својот дом во Скопје изминатиот петок по 2,5 месеци поминати на неонатолошките интензивни одделенија на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. Тимот од педијатри/неонатолози, медицински сестри и акушерски секојдневно ја следеа нејзината здравствена состојба и заедно со новороденото ги добија сите предизвици што се испречуваа пред нив“, напишаа од болницата.

Тие додаваат дека ова е прво бебе за мајката, која беше хоспитализирана на ЈЗУ УГАК – Скопје на 27.12.2021 година. Иако имаше ризична бременост, сепак таа се породи спонтано на 4.1.2022 година. Бебето се роди предвреме во 26. гестациска недела, со екстремно мала тежина од само 700 грама и со должина од 28 сантиметри. Тоа помина 74 дена на неонатолошките интензивни одделенија во болницата, а за тоа време имаше комплексен третман. Во интензивниот третман применета беше механичка вентилациска поддршка во првите 21 ден од раѓањето. А потоа беше ставено на кислородна поддршка со неагресивна механичка вентилација до 67. постнатален ден, со постојан мониторинг на виталните функции и кислородна заситеност со пилсоксиметрија и гасни анализи.

„На бебето му се направени сите скрининзи што се пропишани во Националната програма на Министерството за здравство и го испративме од ГАК со прецизни поуки за контрола и за следење на растот и развојот.
Новороденото беше испишано во добра општа состојба, со пораст на телесната маса, стабилно и витално“, велат од таму.

Scroll to Top