Најромантичните грчки острови : Шест оази создадени за љубовни парови

Грција е земја со древна историја, космополитски градови, и содржи дел од најубавите плажи на светот. Сама по себе се наметнала како една од најромантичните земји за паровите кои се во потрага по место каде што можат да уживаат во магијата на љубовта.

За среќа, Грција изобилува со острови кои нудат сѐ и сешто за сечиј џеб, вкус и стил. Ова се шесте најпопуларни љубовни острови за кои веруваме дека сигурно досега барем еднаш сте ги посетиле или пак сте имале намера да ги доживеете.

Миконос

Измеѓу мај и октомври, Миконос станува една од главните дестинации за забава до раните утрински часови и поради тоа, овој остров го добил името „Грчка Ибица“. Покрај незаборавниот ноќен живот, овој остров нуди и многу ресторани, бутици, продавници со сувенири и стари градби кои датираат уште од антиката. Особено е популарен и главниот град кои исто така го носи името Миконос.

Во него се наоѓа и најромантичниот кварт под името Мала Венеција, познат по бело-сините куќички и поплочените улички преполни со кафиќи, како и продавниците за гирп и суфлаки.

На Миконос постојат преку 20 плажи и секоја од нив нуди нешто посебно, а најдобрите плажи се наоѓаат на јужното крајморје.

Милос

Во најромантичните грчки острови, спаѓа и Милос, кој е вистински дијамант на Егејското море и на него се кријат некои од најмагичните плажи во овој дел од Грција. За среќа, оние парови кои сакаат да останат далеку од љубопитните погледи и ги избегнуваат популарните одморалишта, Милос без дилема е еден од најидеалните места за овој вид на „бегање од реалноста“.

Едноставниот шарм на ова мало островче лежи во неповторливите пејсажи, чудесните карпи кои ги опкружуваат плажите со смарагдното море, но и фактот дека токму на овој остров во далечната 1820 година е откриена статуата на Милоска Венера која моментално се наоѓа во Лувр.

Целиот остров изобилува со знаменитости од исклучително историско значење, подводни пештери, катакомби, праисториски амфитеатри, и што е најважно, бајковити плажи со бел песок од кои некои се достапни исклучиво со помош на чамец или бротче кое може да Ве однесе дотаму.

Крит

Не само што Крит е најголемиот остров во Грција, туку и е еден од оние острови кои нудат безброј можности за совршен романтичен одмор. Неговата местоположба е поволна, затоа што отвара можности да се истражат и останатите приморја во околината, особено Родос и Санторини кои исто така спаѓаат во групата на најромантични парови. Крит изобилува со археолошки локалитети и знаменитости кои се од исклучителна важност, но подеднакво е привлечен и поради шарените пејсажи и плажи кои се создадени за романтични моменти.

Дури и ако спаѓате во овие парови кои сакаат енергична романса исполнета со активности, од шетање и посета на локалните знаменитости до параглајдерство, тогаш Крит е островот за вас!

Санторини

Овој остров е веројатно еден од најпрепознатливите острови на светот, а својот едноставен шарм несомнено се должи на совршените бели куќи со сини кровови кои како венец стојат високо над морето и нудат поглед кон хоризонтот од кој застанува здивот. И покрај тоа што важи за еден од најскапите острови, одморот на Санторини дефинитивно вреди за секој денар потрошен таму. Иако, Санторини не може да се пофали со небески плажи и тиркизно море, сепак поседува шарм на кој не може да му парира ниту еден остров на светот, па дури ни островите во Грција.

Кај и да се најдете, ќе бидете воодушевени од погледот и залезот на сонцето, кои ќе останат длабоко врежани во Вашето сеќавање.

Лефкада

Овој остров е фанастична опција за романтичен одмор поради неколку причини. Покрај тоа што е многу лесно да се дојде до него со автомобил (Лефкада е поврзана со копно со помош на движечки мост), тука можете да најдете преубави вили, одлични ресторани и плажи од кои застанува здивот. Доколку Лефкада е Вашата дестинација за ова лето, најдобро е да ја посетите со автомобил во темпото кое најдобро Ви одговара.

Родос

Од посетата на овој остров ќе имате впечаток дека патувате низ времето. Елегантните вили, поплочените тесни улици, средновековните градби и античките ѕидини прават овој остров една неповторлива дестинација која е створена за создавање на романтични спомени.

Покрај Миконос, Родос е уште еден остров кој е познат по лудиот ноќен живот, но и фантастичните ресторани и таверни. Тука може да најдете бројни агенции кои нудат излети со автобуси и бротчиња така што ќе бидете во можност да посетите што е можно поголем број на места кои пленат со својата исклучителна убавина и историско наследство.

На Родос се наоѓаат преку 40 плажи, почнувајќи од оние кои имаат барови, ресторани, лежалки на море до оние кои се речиси диви и не толку често посетувани, што ги прави совршени за опуштање со саканата личност, а со тоа и самиот Родос се вбројуба во најромантичните грчки острови.

 

Scroll to Top