Низ прстен те гледам, в срце да ти влезам – сè спремно за традиционалната Галичка свадба

Со песна и три истрели во подножјето на Бистра овој викенд ќе почне традиционалната Галичка свадба.
Оваа година се одржува по 46. пат, а ќе се венчаат Огнен Караѓозовски и Марина Петровска. Тие на годинешната Галичка свадба ќе се венчаат, ќе замесат леб, ќе јаваат коњ, младоженецот „ќе ја заузда невестата да не гледа по други“, а таа низ прстенот ќе го гледа за да му влезе во срцето  кога тој ќе дојде да ја земе од дома…. И така ова традиција која трае со години викендов повторно ќе се одржува во мијачкото село Галичник.
За годинешните младенци се знае дека нивната љубов почнала кога заедно работеле во хотелиерство и сега живеат во Скопје. Марина има потекло од Крива Паланка, но одамна е преселена, а Огнен има потекло од едно големо галичко семејство. Тој во повеќе наврати бил вклучен во организацијата на претходните свадби и учествувал како статист.

Над 200 луѓе за посилен впечаток

За одржувањето на оваа манифестација која е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците веќе се направени сите подготовки. Свадбарските обичаи ќе започнат со поставување на свадбарското знаме, а венчвката е во недела, 14 јули, во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“. Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи за време на свадбарските денови . На манифестацијата ќе иам и стотина статисти облечени во автентични галички носии.
Традиционалната Галичка свадба годинава се одржува три дена од 12 до 14 јули.

Традиција зачувана од заборав

Традиционално, почетокот на свадбата се означува во сабота со китењето на свадбарскикот бајрак со горско цвеќе и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот (вила „Доста“). За ова време се пее стара песна.
Од другиот крај на селото треба да грмнат тапаните и ѕурлите, а мајката на зетот ги дочекува семејството и роднините со домашен леб и со ќуп во рацете, по што го поведува „Свекрвиното оро“.

По „канењето на мртвите“ од гробиштата, се оди до куќата на кумот од кого младенецот бара благослов. Највпечатлив обичај е бричењето на зетот . По овие обичаи следува одењето до куќата на невестата. Таа облечена во традиционална галич­ка носија, го дочекува младенецот на балконот од нејзината куќа. Тогаш таа изговара, гледајќи низ прстенот: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“.

Качена на коњ младата заминува во куќата на нејзиниот иден маж. На крај сите одта средсело, каде се играат свадбените ора. Посебна атракција е и невестинската носија која сама по себе е уникатна. На неа преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и доминантен е богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и филигранскиот накит со уникатни златни и сребрени елементи. Сиот комплет може да тежи и до 30 килограми.

„Галичка свадба“ меѓу деветте фестивали во Европа кои мора да се видат.Со ваков наслов влијателниот „Њујорк тајмс“ минатата годинава ја препорача Галичката свадба.

Печалбарството како судбина

Галичката свадба и нејзиното одржувањето е инспирирана од желбата на галичани да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците. Традиционалисти по природа, тие со векови биле поврзани со православниот празник „Петровден”. Токму на овој празник се случувало и повеќе десетици двојки да се венчаат во ист ден. Причината за одржување на толку венчавки во кус период е во доаѓањето на мажите од печалба. Неретко се случувало, мажите да направат свадба и кусо време да напуштат своите сакани. Овој период се користел и за свршувачки, по што отпочнувале подготовките за свадба.
Над половина век традиција

Манифестацијата „Галичка свадба“ има традиција од 56 години, поточно првата се одржала во 1963 година.

Scroll to Top