Нудисти шетаат низ музеј во Париз

Музејот на современи уметности „Палата Токио“ во Париз вчера им дозволи влез на нудисти. Со тоа стана првата галерија во градот која на следбениците на тоа движење им го одобри пристапот во музејот. На настанот присуствувале околу 160 следбеници на движењето. Тоа претставува „пресвртница во една од престолнините на културата во светот“, рекле активистите на ова движење.

„Начинот на живот на нудистите е да бидат голи. Културата е дел од нашиот секојдневен живот и ова е посебна прилика“, рекол директорот за комуникации на Здружението на нудистите во Париз, Жулиен Клод-Пенегри.

Според податоците на тоа здружение, кое има 88.000 следбеници само во Париз, 2,6 милиони луѓе практикуваат нудизам во Франција.

Пријавите за посета на музејот биле примани преку мејл и веднаш по објавата повеќе од 1.000 луѓе се пријавиле да присуствуваат на овој настан. Идејата голи луѓе во музеите не е сосема нова. Националниот музеј на Австралија уште во 2015 година организираше настан од овој вид.

Кон крајот на 2017 година во Париз беше отворен и ресторан за нудисти, а потоа и парк.

Scroll to Top