Очилата на Махатма Ганди продадени на аукција за шест минути

Очилата кои му припаѓале на еден од основачите на модерна Индија, Махатма Ганди, се продадени на аукција во Бристол за 260.000 фунти. Проценката за очилата била 15.000 фунти, но цената почнала да расте брзо и во шестата минута од аукцијата колекционер од САД понудил 260.000 фунти.

Сопственикот на аукциската куќа, Ендру Стов, за „Би-би-си“ изјавил дека ова бил најскапо продадениот предмет во неговата кариера.

Претходниот сопственик на очилата бил старец од Манготсфилд, а во неговото семејство очилата биле од дваесетите години на минатиот век, кога негов роднина ги донел од Јужна Африка каде се запознал со Ганди.

„Очилата седеа во фиока со децении, а сопственикот ми рече да се обидам да ги продадам, а ако не успеам да ги фрлам. Во петокот вечерта ги остави во обичен плик во нашето поштенско сандаче, и до половина се гледаа, можеше било кој да ги земе. Кога му реков дека би можеле да вредат 15.000 фунти за малку ќе му се слошеше, а сега доби паричен износ кој ќе му го смени животот“, додал сопственикот на аукциската куќа.

Scroll to Top