Од домот на Шмит до воените болници, до ден денс „Не лути се човече“: Приказната за најпознатата друштвена игра

„Безделништвото се лекува со разонода, а таа е најдобра кога е во друштво“,  вака размислувал еден Германец со визија, создавајќи ја денес најпопуларната друштвена игра “Не лути се човече” на која сите ѝ се враќаат.

Сè започнало една минхенска зима, 1907 година, во домот на семејството Шмит. Јозеф Фридрих Шмит сакал да пронајде начин како да ги забавува своите деца, но и да се забавува себеси, а таа вечер на трпезариската маса се  родила  идејата за денес неизоставната друштвена игра.

Шмит на еден картон исцртал полиња и куќички во различни бои и изработил фигури и коцки од дрво. Со тоа создал игра која можеле да ја играат две или четири лица, а неговите деца биле воодушевени од идејата.

Но, претприемачкиот дух на Јозеф не мирувал – тој сакал да ја уновчи оваа забава. Сепак, никако не успевал да заработи од играта на која ѝ дал симпатично и необично име – “Не лути се човече”.

Најпосле успеал еден маркетиншки трик и тоа баш за време на Првата светска војна. Шмит испратил донација од 3000 комплети од својата игра до воените болници, а резултатот бил одличен – повредените ја обожувале играта и постојано ја играле во болничките соби, а потоа ја носеле и во своите домови.

“Не лути се човече” станала заразна забава најпрвин во Германија, а набрзо и низ цела Европа. Освен добриот тајминг и рекламите, играта се продавала и поради цената која била пониска од половина килограм шеќер.

Шмит набрзо го проширил својот бизнис, основајќи ја издавачката куќа “Шмит Шпиле” за производство на друштвени игри.

Scroll to Top