Од среда, 1 декември, ќе стапи во сила забраната за пластични кеси, односно ќе биде дозволена продажба само на биоразградливи кеси за кои ќе се наплатува надомест од 15 денари за специјален фонд за животна средина.
Откако минатиот месец беше донесена одлуката за забрана за употреба на пластични кеси, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека идејата за цената на пластичните кеси е за да се намали употребата на пластиката.
„Фондот што ќе се создаде од овие 15 денари за секое купување пластично кесе ќе отиде на посебен фонд којшто ќе се инвестира во животната средина, но и ќе се инвестира во совеста на граѓаните како да менаџираме со отпадот во нашата држава. Идејата е тој што загадува тој и да плати, и на тој начин производителите коишто ќе донесат производи во нашата држава треба да контрибуираат и во тоа, и со ова ќе се натера да придонесат за инфраструктурата со различни контејнери во нашата држава каде што ние како граѓани ќе ги селектираме отпадите и со ова ќе креираме систем којшто самите граѓани ќе го селектираат отпадот“, појасни тогаш Нуредини.
Од 1 декември, како што информираше, ќе биде забранета пластика за еднократна употреба во угостителските објекти во заштитени зони – тоа значи Пелистер, Маврово, Шар Планина.