Официјалниот волшебник на Нов Зеланд остана без работа

Јан Брекенбери Чанел (88), кој беше официјален волшебник во Крајстчерч на Нов Зеланд, е отпуштен од работа, оти на градот веќе не му се потребни неговите услуги. Тој од 1998 година заработуваше по околу 10.000 долари годишно за да глуми волшебник пред туристите и локалното население.

„Тие се куп бирократи кои немаат имагинација. Кој друг ќе танцува на дожд, ќе филозофира и ќе биде магнет за туристите“, рече Чанел за новинската агенција „Стаф“.

Градскиот волшебник најчесто стоел на плоштадот до катедралата, со дрвен стап во раката и шилеста капа каква што носат волшебниците. Неговата работа се зголеми по успехот на филмовите на Питер Џексон „Господар на прстените“, кои беа снимени во Нов Зеланд, па во земјата почнаа да доаѓаат многу туристи.

Според Јан, тој заработувал малку, но и тоа му било доволно, оти првите 16 години додека глумел волшебник, од 1982 до 1998, не добивал плата. Пред дваесет и три години тој беше прогласен за официјален волшебник на градот и се верува дека е единствениот волшебник во светот што се појавил на владиниот платен список.

Чанел освен што шетал низ градот, имал и други, поголеми обврски. Тој фрлал магии за да им помогне на рагби тимовите да победат. Во 1988 година, на покана на племето Ваимате, тој изведе танц на дожд за да помогне во борбата против сушата. Половина час откако завршил со танцот, на островот почало да врне.

Јан е роден во Лондон, а се преселил во Австралија во 1963 година каде што почнал да предава на Универзитетот во Нов Јужен Велс во Сиднеј. Таму тој почнал да ја развива својата волшебничка личност, а во 1969 година заменик-канцеларот на универзитетот го именувал за официјален волшебник на училиштето. Се преселил во Крајстчерч во 1972 година. Неговата понуда да стане волшебник на градот на почетокот била одбиена.

Scroll to Top