Охрид се дави во долгови, а финансира концерти на Северина, Шерифовиќ и Цукеро

Општина Охрид кратела средства предвидени за инфраструктурни проекти како сообраќајна сигнализација, одржување улици, улично осветлување и слично, за да ги плати концертите на Северина, Марија Шерифовиќ и Цукеро. За овие концерти, Општината немала предвидено средства, па морала да ги обезбеди преку кратење од други ставки. За четирите концерти кои ги организираат три продукции, општина Охрид исплатила 5.5 милиони денари или скоро 90 илјади евра, пренесува А1.он.

Општината немала пари за овие настани во времето кога одлучила да ги спонзорира концертите. Општината со години работи со блокирана сметка поради долг од 1,366 милијарда денари. Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски за „А1он“ рекол дека продукциите сами побарале пари, а општината одобрила средства оти се плашеле дека концертите нема да бидат одржани во Охрид, иако никој не ги условил дека концертите ќе бидат откажани без овие средства.

„Ако не ги финансиравме овие концерти, тие немаше да се одржат. Имаме блокирана сметка, но со судска одлука, ние можеме да вршиме исплаќања за нормално да тече работата во општината“, објаснил Стојаноски.

Извори од општината рекле дека вчера е направен ребаланс на буџетот, ама дека тој е направен со нелегална процедура. Измените за кои гласале Комисијата за финансирање и буџет и Советот на општина Охрид биле дека буџетот за организација на манифестации за промоција на туристички производи ќе се зголеми на 5,7 милиони денари, но не биле наведени сите манифестации кои ќе се спонзорираат. Во документот се наведени само четири традиционални манифестации, но не и концертите организирани од приватни продукции. И двата органи на општината, гласале по овој ребаланс кој им бил приложен.

Градоначалникот Стојаноски рекол дека за прв пат Советот на општината одлучувал кои концерти ќе се поддржат со пари од општинската каса. Неофицијално, четирите традиционални манифестации кои се организираат во Охрид, од општинската каса ќе добијат само 200 илјади денари бидејќи останатите пари веќе се потрошени. Ова не е прв пат, општината Охрид која има огромен долг, да крати средства од планирани проекти за да плаќа за концерти кои се организираат во градот. Претходно, над 3 милиони се исплатени за новогодишни концерти, каде изведувачите исто така биле ангажирани преку приватни продукции. Оваа година, најмалку пари од општинската каса беа издвоени за манифестацијата Охридско лето која е традиционално обележје на градот.

Кристијан Ландов

Scroll to Top