Оставете вистински впечаток со бојата на гардеробата

Во зависност од пригодата, вашиот карактер и расположение, секогаш треба да бирате различна боја на гардеробата што ќе ја носите.

СИНА

ДА – облечете темносин костум ако сакате да изгледате авторитетно и да покажете дека држите сѐ под контрола. Светлите сини нијанси се погодни за телевизиско појавување, прва средба со родителите на партнерот или со работодавачот, но и во сите други ситуации кога сакате да оставите добар впечаток.

НЕ – сината боја во комбинација со бело може да делува банално. Затоа избегнувајте ја таа комбинација ако сте анти-комфорни, креативни или доколку сакате да покажете дека сте успешни.

ЖОЛТА

ДА – жолтата јакна сигурно ќе ви помогне да бидете забележани во толпата. Оваа боја е особено погодна за тмурните денови, зашто го крева моралот. Идеална е за личности што работат со деца, бидејќи тоа е нивната омилена боја.

НЕ – жолтата боја треба да ја избегнувате ако одите на деловен состанок на кој немате што да кажете. Не е погодна ниту во ситуации кога треба некаде да настапите и сакате да зборувате за сериозни теми. Во жолтата боја, никој нема да ги сфаќа сериозно вашите зборови.

ЦРВЕНА

ДА – црвената боја е идеална ако сакате да привлечете внимание или доколку сте уморни, бидејќи придонесува да се чувствувате како да сте полни со енергија. Одлична е и за жените што сакаат да изгледаат секси, бидејќи е научно докажано дека оваа боја го привлекува вниманието на мажите. Освен тоа, црвена ролка под палто во некоја невпечатлива боја (на пр. сива) изразува авторитет, а притоа не влева стравопочит.

НЕ – немојте ни случајно да облечете црвена јакна или сако ако треба да зборувате на некој деловен состанок или пред поголема група на луѓе, бидејќи ќе делувате преагресивно. Избегнувајте ја црвената боја и ако сте под стрес, бидејќи ја зголемува анксиозноста.

ЗЕЛЕНА

ДА – Облеката во темни зелени нијанси претставува одлична алтернатива за темносин или црн костум, особено ако сакате да го истакнете својот талент за тимска работа.

НЕ – избегнувајте ја зелената боја доколку се занимавате со политика, бидејќи таа емитува конзервативни пораки. Исто така, ако собирате средства за некаква иницијатива, немојте да носите зелено. Најновите студии покажуваат дека луѓето во таквите ситуации не обрнуваат доволно внимание на соговорниците облечени во зелено.

ВИОЛЕТОВА

ДА – Облечете се во виолетово ако сакате да ве забележат на работа, доколку сакате да ја истакнете својата индивидуалност или да предложите ново решение за некој стар проблем. Оваа боја е идеална за вечерни излегувања, бидејќи претставува одлична алтернатива за црната боја, но само ако сакате да делувате заводнички.

НЕ – виолетовата боја не е погодна за пригодите кога сакате да останете незабележани или кога сакате да делувате спокојно и резервирано. Избегнувајте ја и ако сте суеверни – некои тврдат дека оваа боја носи несреќа.

БЕЛО

ДА – носете бело доколку сакате да истакнете дека сте уредна личност и дека водите грижа за својата хигиена. На русокосите личности оваа боја делува шик, особено ако е комбинирана со боја на песок или бебешко-сина.

НЕ – белата боја е прикладна за вечерни излегувања само ако облеката е од квалитетен материјал и со совршен крој. Избегнувајте белата облека ако имате пеги на лицето или рацете.

ЦРНА

ДА – црната боја е идеална за свечени вечерни излегувања, бидејќи делува елегантно, дури и кога материјалот не е најквалитетен. Погодна е и за пригодите кога сакате да задржите дистанца, бидејќи луѓето обично не им се обраќаат спонтано на личностите облечени во црно.

НЕ – немојте да носите црно ако работите со постари личности и деца бидејќи ни едните ни другите не ја сакаат оваа боја.

Scroll to Top