Пад на температурите и најава за снег

Нашата територија се наоѓа под влијание на значително постудена воздушна маса која се спушта од север и тоа најавува пониски температури на воздухот, особено ниски температури имаме наутро кога на повеќе места ќе се спуштат под нулата.

Времето, пак, до крајот на денов ќе биде умерено облачно со сончеви периоди, сепак облачноста полека ќе се зголемува, особено попладне и во вечерните часови, како и во текот на ноќта, кога особено на запад ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд и снег на повисоките планини.

Максималните дневни температури денес ќе се искачуваат од 6 до 12 степени. Утре повторно на повеќе места ќе има врнежи, но овој пат истите ќе бидат од дожд на ниските и од снег на повисоките места и на планините каде ќе дојде до формирање на снежна покривка.

Ќе почне да дува умерен, повремено, и тоа особено по должина на Повардарието засилен ветер од северен правец. Поради падот на температурите и спуштањето на уште постуден воздух од север провејување на снег локално ќе има и на местата под 800 м.н.в, со што има услови да дојде до формирање и на тенка снежна покривка.

Максималните дневни температури утре ќе се искачуваат во интервалот од 3 до 11 степени, меѓутоа доцна попладнето и вечерта ќе започнат уште повеќе да опаѓаат.

 

Scroll to Top