Парче од Месечината се продава за 2,5 милиони долари

Еден од најголемите лунарни метеорити пронајдени на Земјата ќе биде понуден на аукција во „Кристис“ во Лондон. Неговата вредност е проценета на 2,5 милиони долари.

Каменот тежок 13,5 килограми веројатно бил откинат од површината на Месечината кога во неа удрил астероид или комета, по што паднал во Сахара. Наречен е НВА 12691. Се верува дека тоа е петто најголемо парче од Месечината што е пронајдено на Земјата. Во светот има околу 650 килограми лунарни камења.

„Искуството да се држи парче од друг свет во рацете е нешто незаборавно. Ова буквално е парче Месечина. Има големина на фудбалска топка, иако е повеќе триаголно. Поголемо е од човечка глава“, изјави Џејмс Хислоп, шефот за наука и природонаука во „Кристис“.

Како и повеќето други метеорити, и овој бил пронајден во Сахара, каде што паднал откако патувал повеќе од 384.000 километри.

„Метеоритите се исклучително ретки и само еден во илјада доаѓаат од Месечината, што ова парче го прави специјално“, додал Хислоп.

Scroll to Top