Почина Алексеј Леонов, првиот човек што се прошета во вселената

Денеска во Москва почина Алексеј Леонов, првиот човек што во 1965 година излезе од ракетата и се прошета низ вселената. Леонов имаше 85 години. Тој беше советски и руски космонаут, воздухопловен генерал полковник, писател и уметник.

Иако Јуриј Гагарин беше првиот човек што летна во вселената во 1961 година, тој воопшто не излезе надвор од леталото. Леонов, замина во вселената со ракетата „Восход 2“, на 18 март 1965 година . Таму, при првото излегување од леталото помина 12 минути на отворено. Според „Индепендент“, Леонов имал големи проблеми при враќањето во леталото – додека бил во вселената, костумот му се надул, па тој не можел да помине низ вратата. Успеал да влезе во кабината дури откако го испуштил притисокот од оделото.

Од првото излегување на Леонов во вселената

Советскиот Сојуз во тоа време планирал Леонов да биде првиот човек што ќе стапне на Месечината, но проектот бил откажан откако Американците го испратиле Нил Амстронг во 1963 година. Леонов учествувал во првиот заеднички лет во вселената на американските и руските космонаути. Тој управувал со „Сојуз 19“, советската ракета што во орбитата на Земјата се споил со американскиот брод „Аполо“.

Леонов е роден 1934 година во Сибир, во селото Листвјанка. Пред да стане космонаут, бил пилот во воздухопловните сили на СССР. По крајот на кариерата, станал бизнисмен, а се бавел и со политика. Напишал неколку научни трудови и биографија. Се занимавал и со сликарство, а некои од неговите слики биле користени за поштенските марки во СССР.

Scroll to Top