Почина Бранко Лустиг, продуцентот на „Шиндлерова листа“ и „Гладијатор“

Утрово во Загреб на 88 години почина филмскиот продуцент Бранко Лустиг. Лустиг е најпознатиот хрватски продуцент и добитник на два Оскара за филмовите „Шиндлерова листа“ во 1993 година и „Гладијатор“ во 2000 година.

Тој ја започна својата кариера во поранешна Југославија, работејќи на филмовите „Не свртувај се сине“ и „Козара“. Во 1980-те години тој замина во Лос Анџелес каде што го запозна Стивен Спилберг, со кого го направи филмот „Шиндлерова листа“ за кој доби Оскар.

Како влијателен продуцент има работено на бројни филмски хитови како што е „Гладијатор“ за кој освои уште еден Оскар. Но, тој работел и на други блокбастери, меѓу кои „Ханибал“, „Пад на црниот јастреб“, „Добра година“.

 

Бранко Лустиг е роден во Осиек во 1932 година. Поради своето еврејско потекло, тој бил затвореник во Аушвиц и Берген-Белсен за време на Втората светска војна. Повеќето членови на неговото семејство исчезнале во концентрационите логори низ цела Европа, вклучително и неговата баба која била убиена во гасна комора и неговиот татко кој бил убиен во Чаковец. Неговото искуство од логорот е вградено во филмот „Шиндлерова листа“

Scroll to Top