Почина новинарот Ристо Поповски, основач на „Макфакс“

По кратко боледување, вчера почина Ристо Поповски, основачот на првата приватна новинска агенција „Макфакс“ во 1992 година. Поповски зад себе остави импресивна новинарска биографија и беше голем поборник на слободата на изразувањето и медиумските слободи, демократијата и човековите права.

Поповски (1945 – 2018) беше познат по својата скромност, добрина и солидарност. Работеше за Радио Скопје од 1965 година како волонтер, а од 1970 година и професионално. Од 1974 година до 1992 година беше вработен во новинската агенција „Танјуг“, најпрвин како новинар, а потоа и како уредник на Македонската редакција на „Танјуг“. Беше дописник во Москва во времето на историските промени на почетокот на деведесетитте години. Своите новинарски ставови како коментари ги објавуваше и во неделникот „Глобус“ и во дневниот весник „Слободен печат“, а беше и коментатор од Македонија за „Ал Џезира“.

Добитник е на Наградата за животно дело на Здружението на новинарите на Македонија.

Scroll to Top