Почина професорот Ѓорѓи Марјановиќ

Универзитеткскиот професор од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Ѓорѓи Марјановиќ почина денеска на 83 години. Тој подолго време имаше здравствени проблеми. Беше познат по своите колумни во „Дневник“, а по локалните избори 2005 година стана и советник во Советот на град Скопје.

Марјановиќ дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962, а магистрирал на постдипломските студии по казнено-правни науки на Правниот факултет во Загреб во 1968 со тезата „Правните последици на осудата”.

Докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1973 со тезата „Правната положба на осуденикот по издржаната казна”. Целиот работен век, освен приправничкиот стаж од 1962 до 1964 кој го минал во Основниот суд-Скопје II, го поминал на Правниот факултет во Скопје како асистент од 1965 до 1974, потоа доцент од 1974 до 1979, како вонреден професор од 1979 до 1985 и како редовен професор од 1985 до 2001 година.

По воведувањето на повеќепартискиот систем ја основа и е избран за претседател на првата опозициона партија во Македонија, „Лига за демократија“ од 21 ноември 1989 година, кога ја напишал нејзината политичка платформа. На чело на партијата е до 2006 година, кога по парламентарните избори, се повлекува од функцијата претседател на Лигата за демократија.

 

Scroll to Top