„Порше“ подготви специјален модел во чест на легендарниот Џеки Икс

„Порше“посвети посебна серија од својата нова 911 на белгискиот легендарен тркач Џеки Икс, а серијата е ограничена на само 75 автомобили. Жак Бернард „Џеки“ Икс  е роден во Брисел на 1. јануари 1945. година. Тој е еден од најуспешните тркачи на сите времиња, со шест победнички титули на славната трка 24 часа Ле Ман.

Неговата прва победа во легендарната трка на издржливост беше во 1969. година со Ford GT 40, пред повторно да победи во 1975. година со Mirage GR8 Cosworth. По ова, тој го освои Ле Ман со Porsche во 1976, 1977, 1981 и 1982.

Благодарение на тој успех „Порше“ одлучи на шампионот да му се заблагодари и за неговиот 75. роденден да понуди посебна ограничена серија на „Порше“ 911.

Заснован на Carrera 4S овој модел е достапен само во Белгија. Ова е прво специјално издание на новата 992 генерација и прво кое има боја „Paint To Sample“. Тоа е единствена „X Blue“ боја која е применета и на 20 и 21-инчните алуминиумски тркала Carrera Classic каде е комбинирана со бели акценти.

Овој двобоен изглед не е случајно избран бидејќи всушност прави врска со и денеска препознатливата сино-бела кацига на Џеки Икс. Porsche Exclusive Manufaktur одделот посебно се погрижил кога станува збор за изборот на материјали и бои.

Покрај останатите детали овој 911 ќе се истакнува и со посебно изградена значка на B-столбот со потписот на Икс и со белгиското знаме. Суптилните детали продолжуваат и во внатрешноста каде карбонските детали на праговите од вратата со гордост го носат натписот „Belgian Legend Edition“.

Меѓу седиштата средишниот потпирач за рацете го има автограмот на Икс. Неговиот потпис е ставен и на кожната футрола од клучот кој е лакиран во истата боја како и автомобилот.

Scroll to Top