Претседателот на Аргентина позитивен на коронавирус, во февруари ја примил втората доза на „Спутник“

Претседателот на Аргентина, Алберто Фернандес, кој во февруари се вакцинираше против коронавирус со руската вакцина „Спутник В“, објави дека имал позитивен тест за коронавирус.

„Откако добив температура од 37,3 степени и блага главоболка, направив антиген тест, кој излезе позитивен. Сега ги чекам резултатите на ПЦР тестот“, изјави Фернандес, кој токму вчера наполни 62 години.

Тој се наоѓа во изолација и вели дека се чувствува добро. Од неговиот кабинет кажаа дека Фернандес на 11 февруари ја примил и втората доза на „Спутник В“.

„Ако заразата биде потврдена, вакцинирањето обезбедува брзо заздравување, без сериозни симптоми. Ви посакуваме брзо заздравување“, му порачаа од институтот „Гамалеја“, каде што беше развиена вакцината.

Аргентина се наоѓа среде вториот бран на пандемијата, а во земјата досега починале 56.000 луѓе од ковид-19.

Scroll to Top