Претставата „Галеб“ ќе игра во Кина на фестивалот „Средба во Пекинг“

Македонскиот народен театар со претставата „Галеб“ од Антон Павлович Чехов, а во режија на Нина Николиќ на 21 јануари 2020 година ќе учествува на 20. уметнички фестивал „Средба во Пекинг“.

„Средба во Пекинг“ е сеопфатен фестивал во организација на Министерството за култура и туризам на Народна Република Кина, градот Пекинг и Националната радио и телевизија, а предводен од Здружението за уметност и забава во Кина. Фестивалот успешно се одржува од 2000 година, со учество на повеќе од 30 илјади уметници од над 100 земји од целиот свет.

Овој фестивал е еден од најголемите уметнички фестивали во Кина, а во изминатите години на програмата се најдоа претстави, ликовни изложби, концерти, танци, настапи на отворено и активности за едукација на уметноста. Уметници од целиот свет ја презентираат својата култура; формите и содржините се разновидни, а фестивалот претставува одлична платформа за промовирање на кинеската уметност и култура низ светот.

Во претставата играат: Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Петре Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски, Сашка Димитровска, Тина Трпкоска, Славиша Кајевски и Аксел Мехмед.

Scroll to Top