Каллива лагуна на шкотски остров носи траги од еден изгубен период, велат научниците што на таа локација откриле неколку десетици отпечатоци од стапки од диносауруси. Отпечатоците се стари околу 170 милиони години. Тие се откриени во североисточниот дел на шкотскиот остров Скај.
„Повеќето од отпечатоците припаѓаат на долговратите сауроподи, кои биле високи до два метра, како и на приближно исто големите тероподи, кои се сметаат за постари роднини на тираносаурус рекс“, се вели во соопштението на универзитетот од Единбург.
Научниците од овој универзитет пронашле педесетина стапки на тоа место и ги сметаат за глобално значајно откритие кое ќе помогне подобро да се разработи периодот јура.
Во еден труд објавен во списанието Scottish Journal of Geology се вели дека стапките се доказ за присуството на сауроподи во тој дел од светот и тоа во многу подолг временски период отколку што претходно се претпоставуваше.
Сауроподите биле едни од поголемите диносауруси кои претежно се хранеле со растенија. Тероподите биле нешто помали во раст и биле месојадни диносауруси.
„Колку повеќе го истражувавме островот Скај, наоѓаме повеќе стапки“, вели палеонтологот Стив Брусат.