Елена Манигети и Рајан Озборн од неодамна дознале за коронавирусот, откако претходно 25 дена поминале на море, отсечени од светот, пренесува „Би-Би-Си“. Двајцата во 2017 година одлучиле да ја напуштат работата, да купат чамец и да го обиколат целиот свет.
Се договориле со семејствата да останат во контакт, но во никој случај да не ги бараат за лоши вести. Двојката која живее во Манчестер, минатиот месец патувала преку Атланскиот океан до Канарските острови, па се до Карибите, додека коронавирус се ширел низ светот.
По 25 дена на море и речиси никаква комуникација со надворешниот свет, двајцата на средината на март планирале да останат на мал остров. Но, кога успеале да добијат телефонски сигнал, сватиле дека островот е затворен и дека во светот владее пандемија за која тие не знаеле.
Семејството на Елена потекнува од Ломбардија, италијанскиот регион, кој беше најмногу погоден од вирусот. Двајцата раскажале дека тие се обиделе на почетокот да се симнат на Карибите, но кога пристигнале, откриле дека границите се затворени. Двојката потоа планирала да патува до Гренада, и кога стигнале на подрачје на морето, каде сигналот е 4Г и бил доволно силен, разбрале што се случува низ светот и колку епидемијата се проширила.
„Наша пријателка веќе била во Сент Винчента и успеавме да стапиме во контакт со неа, но таа ни кажа дека ќе ни биде одбиено барањето за влез, иако сум италијанска државјанка и со месеци немам отидено во Италија“, вели Елена.
За среќа, двајцата, благодарение на ЏПС сигналот, можеле да докажат каде патувале и дека со месеци не биле во Италија.
„Кога стигнавме, го повикав татко ми, а тој ми кажа да не паничам. Ми испрати текст од „Њујорк тајмс“ за нашиот град и бев шокирана“, вели Елена.
Таа и Рајан во моментов се наоѓаат на безбедно во Сент Винчента, но се загрижени затоа што не знаат колку ќе можат да останат. Целта им е повторно да запловат пред да почне во јуни сезоната на урагани. Знаат дека државите се затворени поради епидемијата.
„Се наоѓаме во сендвич меѓу сезоната на урагани и вирусот“, вели Елена.