Русинките предупредени да немаат секс со странците за време на мундијалот

Русинките би требало да избегнуваат да имаат секс со мажи од друга раса за време на Светското првенство во фудбал. На тој начин ризикуваат да станат самохрани мајки на деца од мешана раса, порачале претставниците на властите во Москва.

„Односите многу лошо завршуваат кога Русинките се мажат за странци“, изјавила Тамара Плетнова, шефот на парламентарната комисија за семејство, жена и деца, пренесува „Гардијан“.

„Кога ќе стапат во брак, девојките не знаат како потоа. Како од него да се извлечат. Тогаш доаѓаат во мојата комисија, плачат дека децата им се одземени“, изјавила Плетнова и потсетила што се случило за време и по олимписките игри одржани во Москва во 1980 година.

„Од тогаш пораснал бројот на самохрани мајки. Се работи за драстично зголемување“, истакнала Плетнова. Тогаш биле родени голем број деца затоа што советските власти не дозволиле да се користи контрацепција.

Тие деца советските власти ги нарекуваат „деца на олимпијадата“. Тој термин е користен за да се опишат децата што се родени од мешовити врски меѓу Русинки и мажи од Африка, Азија и Латинска Америка.

Овие деца во текот на растењето се соочуваат со голема дискриминација.

„Тие деца подоцна страдаат. А дополнителни тешкотии се јавуваат ако во прашање е татко од друга раса. Би требало да раѓаме наши деца. Не сум националист, но сепак знам дека децата страдаат, а тогаш татковците ќе ги напуштат и тоа е сѐ. Децата остануваат во Русија со мајките“, изјавила Плетнова за Радио Говорит Москва.

Плетнова истакнала дека посакува руските граѓани да се венчаат од љубов, без оглед на етничката припадност, пренесува „Гардијан“.

Друг претставник на властите истакнал дека странските навивачи би можеле да донесат многу повеќе вируси во Русија и да ги заразат. Властите ги предупредија Русите да внимаваат во моментите на комуникација со странците затоа што за време на Светското првенство би можело да кружат недозволени супстанции.

Околу илјада навивачи од 31 земја доаѓаат на Светското првенство во Русија. Меѓу странските навивачи Американците се најактивни, а тука секако се и фановите од Бразил, Колумбија и од Германија.

Светското првенство во фудбал ќе биде одржано во Русија од 14 јуни до 15 јули оваа година.

 

Scroll to Top