Русите прават своја верзија на „Инстаграм“, „Росграм“

Русите решија да направат своја верзија на една од најпопуларните социјални мрежи „Инстаграм“. Рускиот „Инстаграм“ го нарекоа „Росграм“, а ќе стартува на 28 март и ќе има дополнителни функции како што се јавно финансирање и платен пристап до содржината.

„Нашите партнери и програмери веќе се подготвени за ваков развој на настаните и одлучивме да не ја пропуштиме можноста да создадеме руски пандам на популарната мрежа која толку многу ја сакаат нашите сонародници“, рече директорот за односи со јавност на оваа инцијатива Александар Забов.

Според фотографиите кои ги сподели Забов, „Росограм“ ќе изгледа речиси исто како „Инстаграм“. Руското регулаторно тело за комуникации го блокираше пристапот на платформите на „Мета“ затоа што, оваа компанија ги толерира повиците за насилство над Русите и руските војници.

„Фејсбук“ и „Инстаграм“ им дозволија на корисниците во некои земји да повикуваат на насилство против Русите и руските војници само во контекст на рускиот напад на Украина, објави „Ројтерс“.

Исто така тие сакале да им дозволат во некои од коментарите да повикуваат на смрт на Владимир Путин или на Александар Лукашенко во земјите како Русија, Украина и Полска, додаде британската новинска агенција.

Русија покрена и кривична истрага против „Мета“, а руското обвинителство побара технолошкиот гигант да се прогласи за екстремистички организација. Случајот наскоро би требало да се најде пред суд.

 

 

 

Scroll to Top