Владимир Путин, претседателот на Руската Федерација, во четврток ќе ја посети Србија, каде ќе биде послужен со традиционални српски специјалитети, меѓу кои и сарма, разни пити, но и со дел од најдобрите вина, откриваат српските медиуми.
Српскиот шеф на дипломатија Ивица Дачиќ вели дека по тој повод, особено го освежил музичкиот репертоар за овој важен гостин. Путин за време на ручекот ќе биде послужен со домашни специјалитети и вина, а во негова чест ќе се подготви и риба која првиот човек на Русија особено ја сака.
„На менито, кое е внимателно испланирано, ќе има од се по нешто. Традиционалните јадења, сарма, проја, ајвар. Ќе има неколку видови на риба“, вели човек од службите на српската дипломатија.
Претседателот на Русија во неколку наврати изјавил дека преферира риба отколку месо, а една од омилените риби му е смуѓот, па и таа ќе се најде на масата.
„На менито ќе биде и смуѓот, подготвен на специјален начин“, додава изворот.
Со јадењето ќе бидат послужени и најквалитетните вина. Виното, како што пишуваат руските медиуми, со пивото, е омилен алкохолен пијалок на претседателот на Русија.
Ивица Дачиќ, кој знае да запее кога ќе дојдат странски делегации, вели за српски Курир, дека за оваа прилика особено го освежил репертоарот. Истакнува дека е подготвен да запее со Путин ако дојде време и му се укаже можност за тоа.
Како што навел, посетите на Путин воглавно се кратки и нема многу можност за опуштена атмосфера.
„Што се однесува до мене, „Калинка“ е најубавата руска песна. Потоа „Подмосковска вечера“ и „Очи магични“, секогаш се на репертоарот. Ако ми се укаже можност ќе пееме. Подготвен сум да заепам за Путин“, вели Дачиќ.
Генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Србија, Вељко Одаловиќ оценил дека политичкото значење на престојната посета на претседателот на Русија, Владимир Путин е од исклучително важно и дека станува збор за важен настан, на кој ќе бидат потпишани дваесетина договори.
„Ова е посета на голем пријател на Србија и Србија од безбедносен и секаков друг аспект ќе направи се за да на најдобар можен начин го дочека претседателот Путин. Оваа посета, уште од почеток има и манифестационен карактер и на истата ќе се потврдат нашите врски и пријателски односи“, вели Одаловиќ.
Новинарите на НТВ, кој во 2012 година доручкувале со Путин, откриваат дека рускиот претседател доручкува каша од творог со мед (руско младо сирење) и препелични гнезда. Сака да пие сок од ориз и цвекло. Говорејќи за своите навики во исхраната, Путин во една прилика изјавил дека сака овошје, патлиџан, зелена салата и крставица, а наутро сака да јаде каша, сирење и мед.
„Ако можам да избирам меѓу месо и риба, ќе изберам риба, но сакам и јагнешко месо“, вели Путин.
Рускиот претседател вели дека не сака слатко, иако многупати знае да се заблажи со сладолед.
„Кога сум на пат, сакам да пробам домашна кујна. Се навикнав на зелен чај. Обично не вечерам, затоа што немам многу време. Попладне се трудам да јадам овошје и да испијам кефир, кога е тоа возможно, а кога не е, не јадам ништо.