Фамилијата на Адеа Шабани од Македонија, студентка по глума која исчезнала во Лос Анџелес, понудила награда од 25.000 долари за каква било информација во врска со нејзината судбина, јавуваат тамошните медиуми.
Шабани последен пат била видена на 23 февруари околу 11 часот, помеѓу булеварот Холивуд и авенијата Френклин, во близина на нејзиниот дом. Влезната врата од нејзиниот апартман, тврдат нејзините пријатели, не била заклучена.
Загрижените пријатели ја пребарувале областа, надевајќи се дека ќе најдат некакви траги, а нејзината мајка допатувала од Македонија, од каде што е нејзиното семејство.
Сомнежот се зголемил кога Шабани не се појавила на важен час на Академијата за актерство на Стела Адлер. Тогаш блиските на Шабани решиле случајот да го пријават во полиција. Иако полицијата не нашла докази, тие веруваат дека девојката е грабната.
Полицијата ја опиша 25-годишната скопјанка како русокоса со сини очи. Шабани пред две години ја напуштила Македонија за да студира актерство во Лос Анџелес.