Шестгодишно дете собра 250.000 долари за животните во Австралија

Шестгодишниот Овен Каули од Масачусетс, САД, собрал над 250.000 долари за помош на животните погодени од катастрофалните пожари во Австралија. Тој ги собрал парите така што изработувал и продавал мали коали од глина. На Овен му требаат три до четири минути за да направи една коала, а потоа таа се пече 17 минути. Момчето рекло дека почнало да собира пари само затоа што сака животни.

„Најмногу ги сакам коалите затоа што се качуваат на дрвја“, рекол тој.

Неговите родители Кејтлин и Сајмон велат дека Овен сакал да пронајде начин за да им помогне на животните.

„Кога Овен првпат дозна за пожарите, многу се вознемири. Ме праша дали има настрадани животни и јас му реков дека има. Тогаш заедно дојдовме на идеја да ги прави овие мали коали како подарок за пријатели и роднини кои ќе донираат нешто“, рекла Кејтлин Каули за американските медиуми.

Нивната првична цел била да соберат 1.000 долари. Тие им ги подарувале глинените коали на сите што донирале барем 50 долари на Wildlife Rescue South Coast, волонтерска група за заштита на див свет од Нов Јужен Велс. Откако ја надминале сумата од 1.000 долари, семејството отворило страница за донирање на GoFundMe и за неполни десет дена собрале 250.000 долари.

Толку многу донации доаѓаа, што ни снема од глината, а сакавме сите да добијат една коала“, рекла Кејтлин.

Инаку, Овен како дете живеел во Австралија, бидејќи таму е роден татко му. 

Scroll to Top