Шестгодишно девојче се искачи на Килиманџаро

Шестгодишната Ешлин Мендрик од Велика Британија, стана најмладото девојче што се искачило на врвот на планината Килиманџаро во Африка. Подвигот на Ешлин ги воодушеви и искусните планинари, бидејќи таа одбивала каква било помош за време на искачувањето на надморска височина од 5.895 метри, пренесоа британските медиуми. Ешлин се надева дека еден ден ќе го освои и Монт Еверест.

Ешлин на експедицијата ја придружуваа нејзината мајка Викторија и 11-годишниот брат Николас. Искачувањето траело шест дена.

„Ешлин го собори рекордот што го држеше Монтана Кина од САД, и која до врвот стигна лани, на седум години и десет месеци. Горда сум на моето дете, тоа беше неверојатно искуство“, рекла мајката на Ешлин.

Најмладата личност што се искачила на Килиманџаро е Колтон Танер од Њу Мексико. Момчето во 2018 година го освои врвот на шест години и еден месец. Ешлин сега го држи рекордот во женска конкуренција.

Инаку, само две третини од сите што тргнуваат кон врвот Ухуру, успеваат да се искачат.

Scroll to Top