Еден од синовите на легендарниот музичар Боб Марли, Ки-Мани Марли, годинава ќе настапи на „Д фестивал“ во Дојран. Ова ќе биде јубилејно, 10. издание на фестивалот, а ќе се одржи од 3 до 5 јули.
Настапот на Ки-Мани се поклопува со годината во која светот го одбележува 75. роденден на реге легендата. 43-годишниот музичар продолжи преку музиката да ја шири пораката на својот славен татко и одлично ќе се вклопи во мотото на фестивалот „Мир, единство, еднаквост… почувствувај ја љубовта“. Марли досега има издадено седум албуми.
Освен него, на „Д фестивал“ ќе настапат и ЛД Пистолеро, Телемама, „Партибрејкерс“, германското електронско дуо „Бука шејд“ и легендата на светската транс сцена Астрикс. На фестивалот ќе се одбележат и половина век Златно славејче.
Организатори се „Пасворд продукција“ од каде велат дека наскоро ќе објават имиња на уште неколку учесници.