Преку 1000 учесници од 22 земји од денес до петок ќе се натпреваруваат во спортскиот центар „Јане Сандански“ на Европско првенство во Street Dance Show 2018 и два Светски купови – во диско денс и хип-хоп. Викендов (10 и 11 ноември) ќе се одржи и Интернационален танцов натпревар Dance off со над 3100 натпреварувачи, а најдобрите ќе се натпреваруваат на гала-вечерта во МОБ во недела.
В сабота на програмата се хип-хоп, диско, брејкденс-танци, а в недела ќе се одржи латино-шоу и танци во двојки. Во недела во Македонската опера и балет ќе се одржат натпревари во класичен балет, модерен балет, џез-денс. Концертот во МОБ е од 21 часот.
Сите натпревари почнуваат во 9 наутро, а целодневен билет чини 150 денари. Организатори на овие танц натпревари се танцовите клубови „Брејк а лег“ (Break a Leg) и „Ит да бит“ (Eat the Beat).
Овие два клуба на вчерашната прес-конференција открија дека во декември 2020 година ќе го организираат Светско првенство во латино шоу и синхро-денс.