Скопскиот маратон ќе се трча во октомври

Заради епидемијата со коронавирусот, 16. издание на Виз Ер Скопски маратон наместо во мај, ќе се одржи на 4 октомври, потврдија организаторите на еден од најголемите спортски настани во Македонија.

„Заради влошувањето на ситуацијата со коронавирусот, како кај нас, така и во светот, и заради почитување на мерките кои ги презема нашата Влада заедно со институциите и препораките од Светската здравствена организација, Сојузот на спортови на Скопје како организатор на Виз Ер Скопскиот маратон, донесе одлука трката да се одложи за 4 октомври. ‘Трчањето ќе те промени’ е мотото на овогодинешниот маратон, затоа седете дома, бидете безбедни за во октомври заедно во полно здравје да го истрчаме 16. Виз Ер Скопски маратон,“ велат организаторите.

Оттаму известуваат дека сите пријави остануваат важечки и се префрлаат за новиот датум, а ако некој од пријавените е спречен да учествува на новиот датум, ќе им бидат понудени следниве опции:

  • промена на постоечката регистрацијата на друго име за 4 октомври
  • откажување на регистрацијата за 2020 и добивање бесплатна регистрација за 2021 година
  • откажување на регистрацијата за 2020 и учество на Виртуелна онлајн трка 2020

Сите овие опции ќе бидат можни да се реализираат со рок до 31 јули 2020 преку порталот за регистрација www.smartrace.club, а деталите ќе бидат објаснети директно на секој учесник со испраќање е-меил порака со конкретни упатства како да ја одберат посакуваната опција ако не се во можност да учествуваат во октомври.

Пријавувањето останува отворено до 15 септември 2020 година.

Scroll to Top