Можеби нема да има толку високи температури на какви што сме навикнати во летниот период, но, сепак, долгорочните прогнози најавуваат дека овој јули ќе биде сончев и топол.
Иако прогнозите кои се однесуваат на подолг период не можат да дадат прецизни податоци, сепак може да најават дека по оваа седмица, во која условите повеќе личат на есен отколку на лето, можеме да се надеваме на температури кои приличат на периодот од годината.
Синоптичарите велат дека некои екстремно високи температури нема да има. Во првата половина на јули максимумот ќе биде околу 30 степени, што е малку под просекот за оваа година.
Во втората половина од овој месец температурите ќе бидат во рамките на просекот и ќе движат околу 33 степени.
Иако е тешко да се даде прогноза за толку долг временски период, синоптичарите најавуваат дожд во последната недела од јули и на почетокот од август, поточно околу Илинден.
Во втората седмица од август ќе имаме вистинско лето и температури кои на некои места низ Македонија ќе се доближуваат до 40 степени.