Со онлајн премиера на „Кармен“ почнуваат Мајските оперски вечери

Со операта „Кармен“ што ќе се прикажува на Јутјуб каналот на Националната опера и балет, на 9 мај ќе почнат 48. Мајски оперски вечери. Во рамките на фестивалот, кој првпат ќе се одржува онлајн, ќе се прикажат осум оперски и две балетски претстави.

На 12 мај е балетската претстава „Рајмонда“, 15 мај „Турандот“, а на 17 мај „Кавалерија Рустикана“ и оперскиот концерт по повод 70 години од оперската уметност. На 19 мај е балетскиот концерт „Балетски бисери“, а на 22 мај операта „Фауст“. На 24 мај, по повод празникот „Св. Кирил и Методиј“, љубителите на оперската уметност ќе можат да ја проследи операта „Лидија од Македонија“ од Ристо Аврамовски. Операта „Адријана Лекуврер“ ќе биде емитувана на 26 мај, а операта „Травијата“ на 29 мај.

„За крај традиционално, како што и би го завршиле фестивалот Мајски оперски вечери, на 31 мај ќе ја емитуваме операта ‘Аида’. За жал, пандемијата ги промени сите планови што ги имавме за овогодишните 48-ми по ред Мајски оперски вечери, но сепак засега ќе ги одбележиме со избор од онлајн престави во текот на целиот месец мај,“ велат од Националната опера и балет.

 

Scroll to Top