Голманот на „Вардар“, Страхиња Милиќ, си замина од клубот, потврди ракометниот шампион на Македонија на својата интернет страница. Милиќ од оваа сезона требаше да биде прв голман на клубот и да го замени Арпад Штербик на голот.
Според соопштението од клубот, новиот тренер на „Вардар“, Гарсија Парондо, бил незадоволен што Милиќ не се појавил ослабен на првите тренинзи на клубот, а кои започнаа пред три дена. Клубот барал корекција во договорот на голманот, а откако тој не се согласил да му ја намалат платата, двете страни се согласиле спогодбено да го раскинат договорот.
Милиќ во „Вардар“ пристигна во 2012 година и во новата сезона требаше да биде играчот со најдолг стаж во дресот на црвено-црните. Тој е уште еден од оние што го напуштија клубот пред новата сезона. Од клубот веќе си заминаа тренерот Раул Гонзалез и неговиот помошник Давид Дејвис Камара, Лука Циндриќ, Жоан Канељас, Хорхе Македа, Илија Абутовиќ, Мијајло Марсениќ и Арпад Штербик.