Студент го добил станодавецот на суд, користејќи ги скриптите од предавањата по право

Студентот Џек Сим кој студирал право на Универзитетот во Источна Англија го добил станодавецот на суд, користејќи ги скриптите и белешките од неговите предавања. Тој го тужел сопственикот на станот во кој живеел додека бил бруцош за несоодветните услови.

На Џек тоа му бил прв судски предмет во животот и успеал да го добие. Станодавецот го прекршил договорот откако му го изнајмил станот. Сим рече дека кога требало да се всели, местото личело на градилиште.

„Од ѕидовите висеа жици, подовите беа валкани и насекаде имаше прашина. Немаше топла вода, ни греење, ни интернет“, рече Сим.

Тој рече дека морал да живее на друго место додека работите не биле завршени како што треба. Тоа траело подолго од ветуваното. Сим, кој сега е втора година на студиите по право, морал цела година да се шета по судови, но вели дека тоа било одличен начин да го повтори материјалот, за да добие диплома.

Тој ги прелистал сите правилници и закони кои ги учел за време на предавањето. Потоа напишал тужба на 10 страници во која си го барал депозитот за станарината и првата рата од 859 фунти. Покрај тоа, станодавецот морал да му ги покрие и судските трошоци од 140 фунти.

„Бев фрлен в оган. Но, победата ми докажа дека можам да се носам и со вакви случаи и тоа позитивно влијаеше врз мојата самодоверба“, рече Сим.

Scroll to Top