Членовите на тимот за спасување на планина кои се дел од тимот за одговор при катастрофи на Црвениот крст, маскирани во костимите на омилените суперхерои од цртаните филмови, се спуштаа по јаже и им делеa подароци на децата од Клиниката за детски болести во Скопје.
Тимот за спасување вчерa дојде во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и организираше показна вежба која беше атракција за сите хоспитализирани деца, но и за граѓаните кои тука беа затекнати. Целта на овој несекојдневен настан е поддршка на децата јуначки да ги поминат деновите и предизвиците за време на престојот во Детската клиника.