Светот е во нова и опасна фаза од пандемијата, тврди СЗО

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом Гебрејзус, одржа пресконференција на која зборуваше за состојбата со коронавирусот во светот. Тој рече дека човештвото сега се соочува со нова и поопасна фаза на пандемијата.

„Речиси половина од новите 150.000 случаи што ги регистриравме во последниот ден се пријавени во Америка (во Северна, Централна и Јужна Америка). Голем број случаи се пријавени и во јужна Азија и на Блискиот Исток“, истакна тој.

„Светот сега е во нова и опасна фаза. Разбирливо, многу луѓе се уморни да бидат дома цело време. Земјите едвај чекаат да ги отворат своите општества и економии. Но, вирусот се шири бргу. Тој сè уште е смртоносен, а повеќето луѓе сè уште се подложни на него“, објасни првиот човек на СЗО.

Тој повторно им порача на луѓето да одржуваат физичко растојание едни од други, да останат дома ако се чувствуваат лошо, да носат маски кога е тоа потребно и да ги мијат рацете што е можно почесто.

Според Си-ен-ен, кој се повикува на податоци од Универзитетот „Џонс Хопкинс“, во целиот свет се потврдени повеќе од 8,6 милиони случаи на коронавирус. Најмалку 458.000 луѓе починале како последица на новиот вирус.

Scroll to Top