Тинејџер продаде бубрег да си купи „ајфон“

Пред 8 години, 17-годишниот Ксао Ванг решил да продаде еден бубрег за да си купи „ајфон 4“. По операцијата, лекарите му рекле дека ќе води нормален живот со само еден бубрег, но 24-годишното момче денес е тешко болно и секој ден оди на дијализа.

Тој неодамна за медиумите открил дека во тоа време „ајфон 4“ бил статусен симбол во неговото средно училиште, а бидејќи потекнува од сиромашно семејство што не можело да му го купи телефонот, одлучил да го продаде својот бубрег. Ванг стапил во контакт со луѓето кои се специјализирани за продажба на органи на црниот пазар, а тие му понудиле 22.000 јени или 2.800 евра. Операцијата била извршена во илегална болница, а кратко потоа се појавиле компликации. Ординацијата не била дезинфицирана, и тоа довело до инфекции на раната.

Ванг криел од семејството дека го продал бубрегот неколку месеци, а бидејќи му било страв да им каже што направил, инфекцијата се проширила на неговиот здрав бубрег. Оттогаш, поголемиот дел од животот го поминал во болница и зависи од апаратите што го одржуваат во живот.

Родителите, пак, ги пронашле посредникот и лекарот што го оперирал Ванг и ги тужеле. На суд добиле 2,2 милиони јени, пари кои и денес ги трошат за лекови и третмани на момчето.

Scroll to Top