Трамп ги збуни новинарите велејќи дека Меланија се среќавала со Ким Џонг-ун

Американскиот претседател Доналд Трамп за време на средбата со новинарите изјавил дека неговата сопруга Меланија се сретнала со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и дека двајцата одлично се познаваат.

Од Белата куќа веднаш ги негираа ваквите наводи велејќи дека првата дама на САД никогаш немала средба со севернокорејскиот лидер и дека таа не била на ниту еден состанок што Трамп го имал со Ким во изминатиот период.

„Првата дама го запозна Ким Џонг-ун и мислам дека се согласува со мене дека тој е човек со држава која има огромен потенцијал“, изјавил Трамп на конференцијата на крајот на самитот на Г-7, додека првата дама го набљудувала од публиката, пренесува „Ројтерс“.

Портпаролката на Белата куќа, Стефани Гришам, подоцна објаснила дека Меланија никогаш не се сретнала со Ким и дека Трамп ѝ се доверува на сопругата за бројни работи, вклучувајќи ги и средбите со севернокорејскиот лидер.

„Иако првата дама не го запознала Ким, претседателот чувствува како да го запознала“, навела Гришам во соопштението и додала дека Меланија немала тајна средба со лидерот на Северна Кореја.

Како што е наведено во соопштението, Меланија не го следела Трамп на ниту еден негов состанок што го имал со Ким. Меланија не била на состанокот ниту во јуни минатата година во Сингапур, ниту во Ханој во февруари годинава, ниту на третиот состанок во јуни во демилитаризираната зона меѓу двете Кореи.

Во соопштението од Белата куќа се наведува дека Меланија немала таен состанок со Ким.

Scroll to Top