Три децении неиспран џемпер на Курт Кобејн продаден за 300.000 евра

Џемперот на Курт Кобејн, кој е со дамки и дупки од цигари и кој не е испран речиси три децении, е продаден на аукција за 300.000 евра. Пејачот на култната група „Нирвана“, го носел џемперот од кашмир за време на настапот на „Анплагд“ МТВ концертот во 1993 година.

Ова парче облека, што се продаде на аукција во Њујорк, е на прво место на листата на најскапи џемпери, кои некогаш се продадени на овој начин. На аукцијата, за речиси истата цена е продадена и специјално изработената „фендер мустанг“ гитара на Кобејн, на која свирел за време на турнеја на „Нирвана“. Оваа гитара неколку години се наоѓала во Куќата на славниот рокенрол.

Курт Кобејн се прослави по основањето на „Нирвана“ во 1987 година. Долго време се бореше со депресијата и зависноста од наркотици. Се самоуби во април 1994 година на 27-годишна возраст.

Scroll to Top