Ципрас, Вучиќ и Борисов ја сакаат организацијата на Мундијалот во 2030 година

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјавил дека четири земји од Југоисточна Европа, меѓу кои е и Србија, сака да го организираат Мундијалот во 2030 година.

Покрај Србија, во проектот се споменуваат и Романија, Бугарија и Грција.

Вучиќ изјавил на новинарите дека тоа било идеја на грчкиот премиер Алексис Ципрас, а дека е договорено на состанокот со бугарскиот и романскиот премиер Бојко Борисов и Вјорик Данчил.

„Ја сакаме кандидатурата за Светското првенство 2030 година. Морам да признаам дека идејата потекна од Ципрас. Тоа ќе биде можност да ги унапредиме стадионите и инфраструктурата. Главни противкандидати ни се Уругвај, Аргентина и Парагвај“, порача Вучиќ.

Кандидатурата за организација на Светското првенство 2030 година досега ја поднесоа Уругвај, Аргентина и Парагвај, а и Мароко сака самостојно да го организира најголемиот фудбалски настан на светот.

„Нашата предност е тоа што Мексико како една од Латиноамериканските земји, веќе ја доби организацијата на Мундијалот во 2026 година. Во секој случај, каде и да биде, дали на Балканот, во Аргентина, Парагвај, Уругвај, тоа ќе биде добро светско првенство“, изјавил Вучиќ.

Тој истакна дека Србија планира да се кандидира и за Европското првенство во фудбал за 2028 година.

„Тоа за нас ќе биде и проблем, но и огромен поттик да почнеме да работиме на стадионите. Да видиме на кој начин да ги унапредиме нашите стадиони и нашата спортска инфраструкгура“, дополни Вучиќ.

 

 

Scroll to Top