Поранешниот фудбалер и поранешен претседател на УЕФА, Мишел Платини, денеска е уапсен поради сомневање дека на недозволен начин овозможил Катар да ја добие организацијата на Светското првенство во 2022 година. Платини е однесен во просториите на Анти-корупциската канцеларија во Судот во Париз, каде ќе биде сослушан од страна на обвинителите.
Легендарниот Платини од 2007 до 2015 година беше претседател на Европската фудбалска асоцијација УЕФА, a од оваа функција беше сменет по одлуката на Етичкиот комитет на ФИФА поради вмешаност во бројни корупциски афери. Најголема од нив е онаа поврзана со доделувањето на организацијата на Мундијалот на Катар.
Одлуката на Катар да му се додели организацијата на Мундијалот во 2022 година уште од самиот старт предизвика многу сомнежи дека гласовите при изборот биле платени. Во 2014 година, тогаш првиот човек на УЕФА, Платини, признал дека тајно се сретнал со Мохамед бин Хамам, фудбалскиот функционер задолжен за подмитување на членовите на одборот кои гласале и одлучувале околу домаќинот за Светскиот фудбалски шампионат во 2022 година.