Пцовиса најстариот бел носорог во светот

Најстариот бел носорог во светот, Тоби, пцовиса на 54 години во зоолошката градина „Парко натура вива“ во близина на Верона, Италија.

Портпаролката на зоолошката градина, Елиса Ливија Пеначиони, соопшти дека тој се онесвестил додека се враќал во своето ноќно засолниште и набргу умрел.

„Дедо Тоби почина на 6 октомври. Неговото тело ќе биде зачувано и изложено во научниот музеј ‘Мусе’ во Тренто, каде што ќе му се придружи на Бланко, бел лав од зоолошката градина, кој пцовиса пред пет години,“, изјави таа за „Франс прес“.

Партнерката на Тоби, Шугар, пцовиса во 2012 година. Во зоолошката од овој вид носорози остана само Бено, 39-годишен бел носорог.

Тоби беше јужен бел носорог, еден од двата подвида бели носорози. Во дивината има околу 20.000 јужни бели носорози, главно во Јужна Африка. Тие обично живеат до 40 години во заробеништво и до 30 години во дивината.

Во светот се останати уште два примерока од северните бели носорози, женките Наџин и Фату, кои живеат во Кенија под деноноќна заштита од вооружени чувари.

Scroll to Top