Универзитет во Ливерпул воведе мастер-студии посветени на „Битлси“

На Универзитетот во Ливерпул студентите ќе може да студираат на мастер-студии посветени на легендарниот бенд „Битлси“ и на влијанието на култната група врз музиката и општеството, пишува Би-би-си.

Универзитетот соопшти дека веќе почнал да прима пријави за курсот „Битлси: Музичка индустрија и наследство“, што ќе почне во септември оваа година. Дипломата од овие студии може да им послужи на луѓето што работат или сакаат да градат кариера во уметничкиот или туристичкиот сектор, велат од Универзитетот.

„Пресреќни сме што почнуваме со формални студии по ‘Битлси‘ на одделот за музика и Институтот за популарна музика во рамките на Универзитетот во Ливерпул. Студентите ќе учат за влијанието на групата врз популарната музика, културата и креативната индустрија“, рече водачот на програмата, Холи Теслер.

Основана 1960 година во Ливерпул, „Битлси“ за една деценија постоење стана меѓу најуспешните и највлијателни групи во историјата.

Scroll to Top