Уште едно дете искасано од куче во Скопје

Уште едно дете е искасано вчера од улични кучиња среде Скопје. Кучињата го искасале девојчето додека одело на училиште, вели нејзината мајка, која, вознемирена од настанот, на социјалните мрежи објави фотографии од каснатата нога на девојчето. Таа напиша дека ќерка ѝ веднаш е однесена во болница и дека таму примила вакцина. Апелира до граѓаните, ако некој го видел кучето што ја нападнало нејзината ќерка да ѝ помогне да го најде и да пријави до надлежните служби.

„Ве молам, дали некоја од вас или ваши пријатели утрово околу 7:20 се нашол на семафорот на булевар „Теодосиј Гологанов“ од страната на хотел ТЦЦ Плаца и видел како чопор од кучиња проаѓале? Едно од нив оставило трага на ногата на ќерка ми која одела на училиште, убаво ја гризнал. Ми треба помош да го најдеме кучето. Во меѓувреме медицински е третирана со вакцина, серум и преврска и следните 5 дена со антибиотик. Многу ќе ви бидам благодарна и за мојата ќерка и за сите останати пешаци кои се мета на овие уличарски кучиња без контрола“, напиша мајката на “„Фејсбук“.

Нејзината објава предизвика различни реакции на социјалните мрежи. Некои сочуувствуваат со девојчето, велат, траумата е поголема од болката и ќе помине. Други бараат реакција од надлежните и од „Анима мунди“ за да се справат со уличните кучиња. Трети, пак, пишуваат дека и родителите треба да внимаваат на тоа како нивните деца се однесуваат кога одат по улица, оти детето можеби го испровоцирало кучето. „И сега ќе испадне дека девојчето е криво што го каснало куче“, стои во еден од коментарите.

Глутниците кучиња кои напаѓаат минувачи се честа слика во Скопје. Надлежните уште лани најавија решавање на проблемот со кучињата скитници, а според статистиката во Македонија од 70 до 80 луѓе месечно завршуваат на Инфективно заради каснување од куче.

(ФОТО) Искасаното девојче  Ума од ротвајлерот во Аеродром  

 

Scroll to Top