Вечерва во Театар Комедија премиера на „Човек, ѕвер и доблест“

Вечерва во Театар Комедија премиерно ќе биде изведена претставата „Човек, ѕвер и доблест “ од Л. Пирандело, а во режија на врвниот режисер од Србија, Егон Савин. По цели 20 години Савин повторно режира во нашата држава, а честа ја имаше токму најдобриот и најпосетуваниот театар – Театар Комедија.

Трите чина на оваа несекојдневна комедија се мајсторски спакувани во само час и петнаесет минути долга претстава која, покрај духовитата содржина, изобилува и со многу карактеристики на семејна драма – што се случува кога ќе престанеме да ги носиме секојдневните „маски“? Кој е всушност човекот, а кој ѕверот, и колку е „доблесна“ и непорочна нечија доблесност? Стилски одмерено и маестрално, Савин ни донесува една класична, а сепак модерна претстава, низ која умешностите на актерите успева да ги извлече до нивниот максимум.

Костимите ги изработија костимографката Елена Дончева и асистентката Ивана Угуровска, а сценографијата е на  Весна Поповиќ.

Во „Човек, ѕвер и доблест“ играат: Атанас Атанасовски, Сашо Ристовски, Сашка Димитровска, Жарко Димоски, Жаклина Стевковска, Тони Денковски, Ева Скендеровска и Кристина Ласовска.

Репризата е закажана за утре (24 декември, вторник), а следната изведба е на 27 декември (петок).

Со оваа премиера Театар Комедија ја заокружи годишната програма за 2019 година.

Scroll to Top