(Видео) Директорот на Фајзер го поддржа Новак: Голем фан сум на Ѓоковиќ, со тоа што прележал корона има добра заштита

Директорот на „Фајзер“, Алберт Бурла, застана на страната на Новак Ѓоковиќ и вели дека со тоа што неодамна прележал корона, тој има одличен имунитет, па не е опасен за околината.

Во интервју за „Блумберг“, Бурла кажал дека Ѓоковиќ се заразил со корона во последните три месеци, што значи дека тој сигурно има доволно антитела за да биде добро заштитен во моментов. Сепак нагласил дека заштитата добиена со болеста не е толку силна како заштитата што ја дава вакцината.

„Јас сум голем обожавател на Новак Ѓоковиќ и не можам да навлегувам во детали дали ја имал потребната документација за влез во Австралија или не. Тоа е меѓу него и властите, како и докторите. Но, сметам дека со прележување на короната, се добива силен имунитет, не само во овој случај , туку генерално. И тоа на одредено време“, рекол Бурла.

Тој истакнал и дека во многу земји низ Европа сертификатот важи шест месеци по последната доза на вакцината, а во случај на пренесен вирус само три месеци по позитивниот тест.

„Заштитата што ја добивате по природно прележаниот вирус не трае долго како по вакцинацијата. Тоа е она што можам да го кажам и што го кажувам“, додал тој.

Scroll to Top