Дваесет и петгодишна двојка со псевдоним Зарина сама се качи на врвот на Кајмакчалан и запеа стара македонска охридска песна. На Ниџе, во белината ечеше, „Ој Зарино прва севдо“ на 2.524 метри надморска висина, во зимски услови. Свесна дека на ова исто место лани загинаа двајцата македонски планинари, Калина Велеска и Александар Миновски, планинарката и пејачка Зарина ни раскажа дека не било сеедно додека се качувала, сосема сама, а во мислите постојано ѝ биле загинатите планинари.
„Уште додека се качував, ги чувствував Александар и Калина, кои лани загинаа тука. Еве речиси една година ќе помина откако ги нема. Овој пат се качував сама, без никого. Полека одев, а тие постојано како да ми правеа друшво. Влегов во црквата ‘Св. Илија’, каде последен пат се потпишаа на планинарскиот дневник. Кога се качив на врвот, од срце запеев стара македонска песна, и додека ја пеев мислев на нив. Ним им го посветив екот на песната што ја отпеав во нивна чест со полни гради“, раскажа за „Репортер“ планинарката и музичарка Зарина. Таа ни откри дека на 11 февруари планирано е искачување на Кајмакчалан во чест на загинатите планинари.
„Со музика се занимавам цел живот, а неколку години сум вљубеник во планинате. Планинарењето е убава работа, задоволство на душата, и сакам само да кажам дека планината не бара храброст и не е пораз кога нема да освоиш некој врв“, вели Зарина.
За видеото што го сподели вели: „Кајмакчалан, Ниџе. Сред лута зима широко се отвори небо сино, со поглед кон Солунско Поле на 2524 м.н.в. …со полни гради, гласно и од срце – Ој Зарино прва севдо“. Претходно Зарина на врвот на Пелистер ја запеа „Билбил пее во планина”.
Таа најавува музички проект со стри македонски песни.
Александра Георгиев