(Видео) Хеликоптер удри во облакодер на Менхетен

Хеликоптер удрил во висококатница на Менхетен во близина на зграда која е сопственост на американскиот претседател Доналд Трамп, пишуваат американските медиуми.

Пилотот на хеликоптерот загинал на лице место, откако леталото удрило во кровот на висококатницата на Менхетен. По падот избил пожар, но итните служби брзо интервенирале. Засега не е позната причината за несреќата.

Службите ја отфрлиле можноста дека станува збор за терористички акт, а светските агенции пишуваат дека пилотот летал за време на силен дожд во воздушниот простор, кој бил претходно забранет.

Откако претседателот Трамп стапил на должност, забрането е летање под 914 метри во радиус од 1,6 километри од кулата на Трамп, која е оддалечена само неколку блока од местото на несреќата.

Засега не е познато зошто пилотот летал во тој дел на Менхетен. Се верува дека со леталото од брендот agusta A109E управувал Тим Мекормак, но официјалните лица порачале дека индентитетот на настраданиот нема да се открива додека не стапи во контакт со неговото семејство.

Висококатницата од 54 ката во која хеликоптерот удрил се наоѓа на њујоршката Седма авенија, а на лице место излегле голем број пожарникари, како и повеќе од 10 возила на итната помош. Во текот на вечерта полицијата упатила апел до граѓаните да го избегнат подрачјето со напомена дека поради истрагата ќе се создаде метеж во сообраќајот.

„Нема индикации дека е во прашање тероризам“

Градоначалникот на Њујорк, Бил Де Бласио, кој се нашол на местото на несреќата, на конференција за медиумите порачал дека инцидентот воопшто не е поврзан со тероризам, односно дека во моментов ништо не укажува на можноста дека станува збор за нешто такво.

„Нема индикации дека несреќата е поврзана со каков било тероризам и на основа на сите податоци што ги имаме, нема закана по граѓаните на Њујорк. Сè уште нема податоци што го предизвикало падот“, навел градоначалникот.

Гувернерот на Њујорк, Ендру Комо, кој исто така пристигнал на местото на настанот, порачал дека разговарал и со лицата кои биле во висококатницата кога леталото удрило.

„Луѓето кои биле тука ни рекоа дека почувствувале силно тресење на зградата“, изјавил Комо.

Меѓу присутните кои се наоѓале во зградата била и Шауна Фарел, која вели дека требало да има состанок на 36. кат, но во тој момент паднал прозорецот и се слушнал силен звук од ударот на хеликоптерот.

Стивен Гартнер бил на 42. кат кога слушнал зуење, а потоа и силен удар.

„Целата зграда се тресеше“, изјавил Гартнер.

Тој објаснил дека колегите му биле нервозни, но дека успеле да се симнат по скалите и да го напуштат објектот без паника. Претседателот Доналд Трамп порачал дека бил известен за ситуацијата, па ги пофалил итните служби за брзата реакција.

„Ме известија за хеликоптерската несреќа во Њујорк. Итните служби направија феноменална работа. Фала ви на сите за сΦ што правите во текот на целата година. Ви стојам на располагање доколку ви затреба  што bilo“, изјавил Трамп.

 

Scroll to Top