Патниците на авионот „Ербас А321“, го изненадија пилотот и целиот екипаж со торта, во знак на благодарност затоа што им ги спасил животите. Сите заедно прославија на аеродромот Жуковски во Москва. Патниците велат дека вечно ќе му бидат благодарни на пилотот, кој по незгодата во воздух, успеал безбедно да слета во поле со жито.
Незгодата се случила во август годинава. Пилотот вели дека по самото полетување на авионот, во него удриле јато галеби. Тој бил принден веднаш да слета во полето со жито. Никој од 226 патници и седум членови на екипажот не бил повреден. Малкумина само побарале лекарска помош.
Умешноста на екипажот, предводена од капетанот Дамир Јусупов, предизвика воодушевување во цела Русија, па и пошироко. Рускиот претседател Владимир Путин им доделил на пилотите титула Херои на Русија, додека преостанатите членови на екипажот, се наградени со „Ордени за храброст“.
Во Јекатеринбург, каде се наоѓа седиштето на компанијата „Урал Еирлајнс“, сите членови на екипажот се наградени со станови. Тортата која ја добил екипажот од патниците, ја пресекол капетанот Дамир, а ваквите средби ветија дека ќе се случуваат и во иднина.